Работнички има веројатно најлесна задача од сите македонски клубови на стартот од новата сезона во европските натпреварувања. „Романтичарите“ за противник го добија Тре Пене, претставникот на Сан Марино, и треба јасно да ја покажат својата фаворитска улога на теренот.
Капитенот Душко Трајчевски најавува дека тимот од Дебар Маало ќе се обиде да слави уште на првиот дуел, кој се игра вечерва (20.30 часот) на стадионот „Серавале“ во Сан Марино.
„Нашата мисија е јасна, да го елиминираме Тре Пене. Го респектираме противникот, знаеме и дека не очекува тежок дуел, и воопшто нема да се опуштиме затоа што играме против тим од Сан Марино. Нема веќе лесни ривали во Европа, тоа одамна го знаеме. Но, подготвени сме за предизвикот и ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил на игра уште на овој прв натпревар. Веруваме во нашите квалитети и се надеваме на успех“, изјави капитенот Душко Трајчевски за официјалниот сајт на клубот.
Натпреварот меѓу Тре Пене и Работнички почнува во 20.30 часот, на стадионот „Серавале“ во Сан Марино. Главен судија на овој меч ќе биде Џејсон Ли Барсело од Гибралтар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА