Трајковиќ: Дубински е важен за Работнички, ако го запреме ќе направиме голем чекор кон победата…

Четвртфиналните возбудувања во кошаркарскиот плејоф на Македонија ќе стартуваат утре попладне, со дуелот што во 16.30 часот ќе го стартуваат кошаркарите на Работнички и на Пелистер.

Гостинскиот стратег Ненад Трајковиќ е задоволен од покажаниот карактер на тимот на тренинзите во изминатиот период, со надеж дека тоа ќе се демонстрира и на терен на дуелот со Работнички.

„Воопшто не беше лесно да се одржи ритамот, тешко е бидејќи трениравме 16 дена, а не знаевме кога повторно ќе играме натпревар. Момците работеа напорно, желни се да се вратат на терен и да покажат што знаат“, вели Трајковиќ.

Пелистер сезонава не знае за триумф над Работнички, а на последниот меч во Битола „зелено-белите“ претрпеа убедлив пораз. Сепак, на тој меч „пелистерци“ беа хендикепирани во борбата под обрачите поради неиграњето на центарот Галовеј, кој утре ќе се појави на теренот.

„Тоа беше тежок меч бидејќи настапивме без класичен центар, што се покажа и како клучен фактор за конечниот исход. Сега тоа нема да биде случај, го имаме Галовеј, кој е исклучително важен за нашиот тим. Добро ја чита играта и во напад и во одбрана, знае да ги препознае акциите и не се сомневам дека ќе ни биде од голема помош“, истакнува тренерот на Пелистер.

Според него, клучна задача за „зелено-белите“ во оваа четвртфинална серија ќе биде да се неутрализира Дубински, плејмејкерот на Работнички околу кого се врти играта на скопскиот клуб.

„Работнички е квалитетна екипа, ривал што секако го респектираме, но ние секако одиме на победа. Многу работи во нивната игра се движат околу Дубински, одличен плејмејкер кој знае да реализира, но и да создаде ситуации за соиграчите, како во рекетот, така и на надворешните позиции. Противникот е добро анализиран, работевме квалитетно на тренинзите и верувам дека ќе успееме да го запреме Дубински, со тоа да го неутрализираме и нападот на Работнички и да направиме голем чекор напред кон победата“,  вели Ненад Трајковиќ.

Се вчитува...