Репрезентативната пауза заврши, па кошаркарите на Пелистер викендов се враќаат на обврските во Првата лига, почнувајќи од дуелот во Скопје против Шкупи (19 часот, СРЦ Кале). „Зелено-белите“ одработија квалитетно во последните петнаесетина дена, се со цел токму против Шкупи да го покажат своето вистинско лице и да влезат во победнички ритам.
Мотивите се уште поголеми ако се знае дека скопскиот клуб го шокираше Пелистер во „Боро Чурлевски“ во првиот дел од сезоната, па нема сомнеж дека нашите кошаркари ќе сторат се за да ги израмнат сметките со овој ривал.
„Задоволен сум од начинот на кој трениравме во изминатиот период додека немаше натпревари, сега тоа треба да го потврдиме и со добри игри во прволигашката конкуренција. Ја гледав победата на Шкупи во Битола, но овој тим сега е уште посилен во однос на тој дуел бидејќи донесе нови, поквалитетни странци. Запирањето на тројцата странски кошаркари, пред се на одличниот Сила кој лесно дава по триесетина поени по натпревар, ќе биде наш приоритет. Височината е нашата предност, заедно со подолгиот ростер и верувам дека со максимално залагање и со квалитетна одбрана ќе стигнеме до резултатот што го посакуваме и ќе влеземе во победничка серија токму во клучниот период од сезоната“, вели Ненад Трајковиќ во пресрет на денешниот натпревар.
Српскиот стручњак не го крие задоволството и од доведените засилувања, пред се од новиот центар Џонатан Галовеј.
„Галовеј пристигна и уште од четвртокот вечерта почна со тренинзи со остатокот од тимот. Нема сомнеж дека е квалитетен кошаркар што ќе ни го донесе она што ни недостигаше, енергија, цврстина во рекетот, но и брзина во играта, бидејќи станува збор за кошаркар кој одлично трча во два правци. Пелистер има квалитетен тим, освежени со новите двајца Американци верувам дека допрва ќе следат уште подобри игри и подобри резултати, од натпревар во натпревар“, оптимистички е расположен тренерот на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА