Трајковиќ по дебито за Пелистер: Дојдов во топ-клуб, сакаме трофеј во Битола

Ненад Трајковиќ имаше победничко деби на клупата на Пелистер откако битолчани со фантастичен пресврт стигнаа до бодовите на дуелот со Гостивар.

„Зелено-белите“ во грч го одиграа првото полувреме, во втората четвртина имаа огромни 18 поени негатива, но со фанатична игра во вторите 20 минути не само што се вратија, туку на крајот стигнаа и до двоцифрена победа.

Според Трајковиќ, двете дијаметрално спротивни полувремиња може да се гледаат и како позитивна работа, за да се утврди правецот по кој Пелистер мора да тргне, од наредниот натпревар па се до крајот на сезоната.

„Дуелот со Гостивар донесе и притисок, мислам дека кај кошаркарите постоеше голема желба да се докажат во целата ситуација, пред новиот тренер да покажат дека се квалитетни, подобри од она што го прикажуваа во изминатиот период. Тоа донесе притисок, тензија и грешки од наша страна, но успеавме да се вратиме, во второто полувреме ја сменивме одбраната и тоа ни донесе резултат. Начинот на кој одговоривме, примивме само 23 поени во второто полувреме, покажа дека кошкарите имаат и квалитет и карактер. Оваа победа многу ми значи на мене, но и на сите играчи, да увидат дека можат да се вратат. Можеби е и добро што дуелот со Гостивар течеше така, со слаба одбрана и толку многу примени поени во првото полувреме, да се види – еве вака беше досега…. а потоа во вториот дел покажавме како може да игра Пелистер и да победува. Ги видовме двете варијанти, се надевам дека во иднина ќе одиме по овој вториот пат што ни ја донесе победата“, изјави шефот на стручниот штаб на Пелистер за клупската веб-страница на КК Пелистер.

Тој уште еднаш ги потенцираше беспрекорните услови за работа што ги има во Пелистер, како една од главните причини за доаѓањето во Битола.

„Како што реков при самото доаѓање, многу сум горд во клуб што зрачи со атмосфера на професионализам. Тука пред се говорам за она како се поставени работите од управата, не постојат никакви долгувања кон играчите, кои ги имаат сите услови за да работат напорно и да напредуваат. Јас и претходно велев, ќе се вратам да работам само во клуб во кој ќе можам да размислувам само за кошарка, Пелистер ми го понуди токму тоа и среќен сум што сум овде“, вели Трајковиќ.

Искусниот стручњак се уште се наоѓа во фаза на запознавање со екипата и кошаркарите кои настапуваат за Пелистер.

„Одржав неколку тренинзи пред мечот со Гостивар и момците делуваа мотивирано. Тоа е нормално по секоја тренерска смена, кошаркарите да се борбени на тренинг, желни за докажување. Од она што можев веднаш да го забележам, Пелистер поседува квалитет во играчкиот кадар“, истакнува Ненад Трајковиќ.

Новиот стратег на „зелено-белите“ е оптимист дека тимот повторно ќе се бори за трофеите.

„Пред неколку години ја следев македонската кошарка бидејќи постоеше опција да дојдам во еден клуб во вашата земја. Тоа не се реализираше, но јас се уште добивав информации за тоа што се случува во мак-баскетот. Знам дека Пелистер важи за најорганизиран клуб во кој на тренерот му останува да се занимава само со кошарка, она што впрочем мене најмногу ми се допадна во целата ситуација. Го знам податокот дека три години по ред Пелистер играше финале, дека лани беше и во финалето на купот. Сите во клубот посакуваат трофеј и можам да ветам дека сите заедно ќе работиме најнапорно што можеме, верувам дека на тој начин би можеле да ја исполниме големата желба на сите битолчани оваа натпреварувачка сезона“, оптимистички е расположен новиот тренер на Пелистер.

Се вчитува...