Александар Трајковски уште еднаш се запиша во аналите на македонскиот фудбал со уште еден извонреден свој погодок од репертоарот ремек-дела кои ги има сервирано во националниот дрес.
Тој прекрасен гол со ножички, за жал, овој пат не беше доволен да се избегне поразот, но Трајковски потенцира дека мечот со Саудиска Арабија во Прага пред се беше подготовка за тоа што не чека во недела против Лихтенштајн.
„Индивидуално за мене дадов прекрасен гол, но за мене е поважен резултатот, затоа што играме за резултат. Беше тежок меч, противникот ги искористи шансите, две наши грешки кои не чинеа два гола, но после секој натпревар гледам да извлечеме поуки и да ги поправиме на следните натпревари, затоа што сега Лихтенштајн ни е поважен натпревар“ – истакна Трајковски по мечот, притоа дополнувајќи:
„Во последно време десет по ред натпревари немавме пораз, денеска тоа се случи, но нема потреба да паѓаме, фудбалот е таков. Треба да ги извлечеме добрите работи од секој меч, и многу е важно е да се спремиме за Лихтенташјн, затоа што тие три бода ни се најважни. Се додека имаме позитивни резултати блиску сме до вратата на СП. Сите момци го даваат максимумот, се подготвуваме, има одлична атмосфера и се надевам ќе успееме да дојдеме до исполнување на сонот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

