ЕКИПА во Амстердам,
Роберт Спасовски (ФОТО)
Александар Трајковски е едно од македонските имиња од ЕВРО 2020 кое дефинитивно ја носи позитивната оценка за своите настапи на собирот на најдобрите на Стариот континент.
Одличен уште на првиот дуел против Австријците, во периодот на игра се додека беше на терен Македонија со позитивен резултат, феноменално второ полувреме по влегувањето во игра на дуелот против Украинците и ново квалитетно издание во кое се издвои како наш најдобар поединец и на вчерашниот натпревар со Холандија.
„Одигравме добро прво полувреме, имав и јас еден погоден дирек. Ако беше тоа гол, мислам дека ќе беше сосема поразличен натпревар. Задоволен сум со начинот на кој го одигравме првиот дел, но за жал ете создаваме шанси а не ги искористивме. Во второто полувреме Холанѓаните беа подобри, и резултатот е тој што е. Жал ми е што само не постигнавме подобар резултат на последниот натпревар за Горан. Чест ми е што го делев репрезентативното време со играч како Горан, кој беше нашиот вистински водач од кого учевме многу и пред кого имаме обврска да продолжиме уште подобро“ – вели Трајковски, притоа дополнувајќи:
„Главата горе, ова е едно ново искуство за нас, и сигурно треба да ни биде поттик за уште поголеми успеси во иднина. Мора да одиме напред, мислам дека треба да бидеме задоволни, запишавме историја со едно вакво учество, но сега мора сето тоа да ни биде силен мотив за уште поголеми успеси во иднина. Јас се надевам дека уште многу години ќе може да допринесувам за успешни игри на репрезентацијата“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА