Трајковски: Нема да калкулираме во Перм, одиме на победа и против Италија

Македонската кошаркарска репрезентација се наоѓа пред голем предизвик за изборување на место на престојното Европско првенство, откако во првите два квалификациски дуела забележавме порази од Естонија и Русија, а потоа и поради позитивни случаи не настапивме на „балонот“ во Талин. Со оглед на тоа избраниците на Тодоров ќе треба да настапат во густ распоред во кој ќе се соочиме два пати со Италија и еднаш со Русија и Естонија.

Меѓутоа за разлика од претходните подготовки и патувањето во Естонија, селекторот Тодоров на располагање го има комплетниот тим на чело со најискусниот во соствот, Бојан Трајковски, кој вели дека Македонија нема да калкулира во Перм.

„Како што го кажав тоа и претходно, пред патувањето во Естонија, прво сакам на сите во нашиот тим да им посакам здравје, да бидеме сите здрави и живи. Да излеземе сите „негативни“ како пред тоа патување во Естонија. Непишано правило во спортот е дека секогаш кога се прават некои математики крајниот резултат никогаш не излегувал како што се посакува. Како и да е, ние од првиот натпревар со Италија, па се до оној со Естонија, ќе влеземе максимално подготвени. Со сите ќе играме максимално, па здравје боже, ако добиеме еден од првите три натпревари тогаш можеме да направиме некои калкулации да бидеме поодморени, посвежи за тој натпревар со Естонија. Но пак ќе кажам, не зависи се од нас. Може и Естонија да изненади и да победи со Италија или Русија. И на крајот математиките да останат само математики“ – изјави Трајковски.

На престојните дуели Македонија ќе ја има и поддршката од еден од најперспективните млади кошаркари, Теодор Симиќ кој ќе дебитира за репрезентацијата, а покрај 17-годишникот тука ќе биде и новиот натурализиран играч, Џејкоб Вајли.

„Со Вајли се знаеме доста подобро. Се запознавме со него во претходниот циклус, беше со нас во тој „балон“ во Естонија. Му посакувам да биде максимално подготвен, особено по ситуацијата во која влезе со неговиот клуб Гран Канарија во изминатиот период. Пред нас имаме десет дена во кои повторно ќе работиме заедно. Ќе се запознаеме уште подобро. Дечкото е феноменален, како личност, како играч. Ќе ни биде од многу голема помош. Тео, за него е најдобро, за почеток барем, што е тука. За играње, мислам дека нема да има некој поголем простор во Перм. Но најбитно е што е тука, затоа што од високите играчи од оние млади категории, отскокнува во однос на сите други. Се надевам дека ова ќе му биде некоја лекција постепено во годините што следуват, да дојде до она потребно играчко искуство од ваков тип, репрезентативно, и да биде идниот лидер и на сениорскиот национален тим“ – додава крилниот играч.

Oчекувањата на Трајковски за престојните натпревари се големи, а како што вели играчот на Пелистер, македонската репрезентација по подолго време е комплетна, па одиме на победа и против Италија.

„Секој натпревар ќе биде приказна сама за себе. Одиме подготвени на секој натпревар. Пак ќе кажам, математики нема да правиме. Се надевам дека сите мои сограчи размислуваат исто како мене за ова. Ќе влеземе максимално во секој меч. Јас сум оптимист, во секој поглед. Дури сум оптимист уште за првиот натпревар на турнирот во Перм, со селекцијата на Италија. Затоа што во претходниот период не бевме комплетни. Затоа што во сите овие последни седум-осум години како генерација не бевме комплетни. Се надевам дека сега тоа ќе биде така. И дека ќе дадеме максимум на крајот ќе се радуваме сите заедно, дај боже, на тоа европско првенство“ – вели Бојан Трајковски.

 

Се вчитува...