Македонската кошаркарска репрезентација нема многу време за одмор бидејќи 24 часа по средбата против Италија, избраниците на селекторот Тодоров ги очекува нов дуел, овој пат против домаќинот на „балонот“ во Перм, Русија (15:30).
Еден од предводниците на „црвено-жолтите“ на вчерашната средба беше Бојан Трајковски, најискусниот во составот, кој вели дека добрата игра против „азурите“ треба да ја пренесеме и на денешната средба, на која победата е императив.
„Нема да менуваме ништо. Она што го одигравме вчера со Италија, ќе го играме и против Русија. Одиме на победа против домаќинот. Одиме да си покажеме на самите себе дека можеме да играме со големите репрезентации. Штета е што добрата игра со Италија не ја наградивме со победа. Но што е тука е, на крајот на денот излеговме со кренати глави по тој натпревар, кој ни даде некои насоки каде би можеле да ја унапредиме нашата игра“ – изјави Трајковски.
„Зборнаја“ е сосема различен противник од Италијанците, Русија негува кошарка на подолги поседи, а во својот ростер високи играчи кои можат да направат големи проблеми за нашата репрезентација во играта под обрачот.
„Ниту еден меч не е ист, па таков нема да биде ниту денешниот со Русија. Сепак, домаќини се. Имаат ‘потреба’ од уште една победа, и јасно е дека ќе притиснат, во желба да го осигураат пласманот на ЕП. Можеби имаат ‘поспор’ напад, но имаат ‘висина’, доста висока постава, која ќе ни прави проблеми во нападот. Се надевам дека ќе бидеме уште подобри на овој меч, и дека не сме без шанси за успех“ – додава најискусниот во нашата селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА