ЕКИПА во Букурешт,
Владимир Булатовиќ, Никола Станикевски, Роберт Спасовски
Македонија не успеа да стигне до првата победа на Европското првенство откако и во вториот натпревар од групната фаза беше поразена од Украина со 2-1.
Александар Трајковски влезе во натпреварот во второто полувреме и ја даде потребната свежина на „црвено-жолтите“, а и по неговиот удар Македонија стигна до пенал.
„Прво полувреме сакавме со иста мотивација како и во првиот натпревар да дојдеме до победа, но морам да бидам искрен дека Украинците беа подобри. Во второто полувреме се обидовме да се вратиме, видовме дека имаме менталитет за враќање и од негативен резултат, имавме доста креирани шанси, но на крај не ги искористивме. Доколку ги искористевме можевме да се вратиме во мечот“, изјави по мечот Трајковски.
Офанзивниот пристап со влегувањето на Трајковски беше задоцнет, со оглед на големата негатива од првите 45 минути.
„Јас бев надвор од соблекувалната и се загревав, но кога излезе селекторот ми соопшти што треба да направам на теренот и тоа го направив. Целиот тим заедно се договориме дека ќе одиме до крај и навистина со цели сили се обидовме и видовте дека и навистина направивме многу шанси, но на крајот не успеавме да направиме резултат“.
Во последниот натпревар од групната фаза Македонија ќе патува во Амстердам за натпреварот против Холандија кој ќе биде одигран во понеделник.
„Искрено се надевам дека ќе играме како во второто полувреме од самиот почеток и да не чекаме да поченеме од негатива. Видовме дека сме спремни и веќе немаме што да изгубиме. Одиме да играме за цела Македонија и да се обидеме да донесе радост. Играме против една голема репрезентација како Холандија“, додаде репрезентативецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА