Трајковски: Во Скопје доминиравме 60 минути против Украина, тоа треба да ни биде водилка и сега за клучниот меч во овие квалификации

Еден од најискусните македонски репрезентативци, Александар Трајковски на првиот ден од репрезентативниот собир вели дека натпреварот со Украина на 14. октомври во Прага е клучниот за нас во овој квалификациски циклус.

Со триумф, Македонија останува во игра за втората позиција на табелата, во очекување на последните две пресметки против Италија и против Англија во ноември.

„Знаеме дека пред нас е многу важен натпревар, веројатно клучен за нас. Треба максимално да се фокусираме на натпреварот, добро да анализираме што не чека и потоа во Прага да се обидеме да победиме. Натпреварот е навистина многу важен за нас и би бил пресреќен ако успееме да триумфираме“ – истакна Трајковски пред денешниот прв тренинг на репрезентативците.

Никој во националниот тим не може да го заборави оној несреќен пораз во Скопје, кога се до 60. минута Македонија имаше предност од 2-0, но на крај со три гола дозволивме необјаснив пораз.

„На првиот натпревар во Скопје доминиравме 60 минути. Сето тоа ни кажува дека имаме квалитет и дека можеме да играме буквално со сите селекции. Мора да носиме позитивен менталитет, само така ќе можеме да се надеваме на успех. Мора со силна верба да патуваме во Прага. Септемвриските резултати на Македонија беа одлични, па верувам дека ќе продолжиме во сличен ритам, зашто само така може да напредуваме и да го градиме колективот кој е најважен. Имаме одлични поединци, владее позитивна атмосфера меѓу играчите и се надевам тоа да го преточиме и на терен“.

Македонија против Украина игра на 14. октомври од 15 часот во Прага.

Се вчитува...