Трансфер-бомба од Евролигата: Миротиќ на излезна врата од Милано

Олимпија Милано летово ќе прави нов сериозен ремонт во играчкиот кадар, а главен проблем за Еторе Месина е најавеното заминување на Никола Миротиќ. Црногорецот со шпански пасош во 2023 потпиша договор на две плус една сезона, со тоа што самиот играч може да реши да си замине доколку се чувствува несреќен во Милано.

Специјализирани кошаркарски портали тврдат дека токму тоа е случај, Миротиќ е видно разочаран што тимот повторно не се пласираше во нокаут фазата од Евролигата. Тој веќе почнал да ги разгледува опциите за продолжување на кариерата, израелските медиуми тврдат дека Миротиќ има добиено бланко-чек од новиот евролигаш Хапоел Тел Авив, но плановите на крилниот центар се нешто поразлични.

Имено, негова омилена дестинација е Монако, каде тренерот Василис Спанулис со раширени раце би го пречекал долгогодишниот НБА-кошаркар. Преговорите се уште се во почетна фаза, но добро упатени извори тврдат дека ако Миротиќ навистина си замине од Милано, негов нов клуб речиси сигурно ќе биде токму Монако.

Партизан и Црвена Звезда воопшто не се опција, откако овој кошаркар пред две години беше буквално пред потпис со „црно-белите“ од Белград, за во последен момент да се премисли и на крајот да потпише за Олимпија Милано.

Се вчитува...