Првата „бомба“ на трансфер-пазарот во НБА-лигата за 2018 година пукна во Лос Анџелес, каде раководството на ЛА клиперс реши да се ослободи од услугите на својата најголема ѕвезда, Блејк Грифин. Клиперси целосно го реновираат тимот, па откако Крис Пол беше испратен во Хјустон во текот на летото, сега си замина и Грифин, кој својата кариера ќе ја продолжи во дресот на Детроит пистонс.
Американските медиуми објавија дека преговорите се веќе завршени, а Детроит покрај Грифин ќе ги добие и Брајс Џонсон и Вили Рид, додека во спротивна насока, во таборот на ЛА клиперс ќе завршат Тобајас Херис, Ејвери Бредли и Бобан Мајрановиќ. Српскиот „џин“ крај себе во новиот клуб ќе го има репрезентативниот колега Милош Теодосиќ.
Најважно за клиперси е ослободувањето на средства во селари-капот, откако Грифин минатата сезона потпиша нов петгодишен договор за вкупна вредност од 173 милиони долари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА