Елиф Елмас ќе биде еден од најинтересните фудбалери на пазарот во јануарскиот преоден рок, откако стана јасно дека тренерот Марко Росе не смета сериозно на неговите услуги во Лајпциг, а македонскиот репрезентативец дефинитивно поседува квалитети со кои треба да игра редовно на клупски план.
Наполи и Аталанта покажуваат интерес за да го вратат Елмас назад во Серија А, но последните информации говорат дека Елиф би можел да се врати назад во Фенербахче, клубот во кој „дијамантот“ ја лансираше својата европска кариера. Турскиот весник „Фанатик“попладнево објави дека Жозе Мурињо лично побарал од клупските директори да сторат се што е во нивна моќ за да го вратат Елмас назад во Фенербахче. Португалскиот стратег смета дека средниот ред не е доволно силен за тимот да се бори за титулата, верувајќи дека во Елмас би добил неопходно засилување за да се вмеша во трката за највисок пласман.
Елиф е под договор со Лајпциг до јуни 2028 година, Турците најавуваат дека Фенер нема да има лесна задача да го договори овој трансфер, но и дека челниците на Фенербахче ќе се обидат и со позајмица до крајот на сезонава, но и со перманентен трансфер, само за да ја исполнат желбата на трофејниот тренер и да го вратат Елиф назад во клубот.
Фенербахче во 2017 година го доведе Елмас од редовите на Работнички, по што две години подоцна го продаде нашиот ас на Наполи за сума од 16 милиони евра, плус 1,5 милион евра од следниот трансфер на Елиф. „Наполитанците“ минатиот јануари го продадоа Елмас во Лајпциг за 25 милиони евра, но македонскиот репрезентативец добива премала минутажа за да ги покаже своите квалитети, па интересно ќе биде да се види колку ќе изнесува неговата вредност при следниот трансфер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА