Францускиот репрезентативец Усман Дембеле ќе биде најновото засилување на ПСЖ откако „светците“ влегле во завршна фаза од преговорите за ангажман на одличниот крилен офанзивец.
Дембеле има клаузула во договорот што му овозможува да си замине од Барселона за 50 милиони евра, од 1 август оваа клаузула ќе скокне на 100 милиони евра, што е причина „светците“ да ги интензивираат преговорите и што поскоро да го комплетираат трансферот. Французинот минатата седмица одби богата понуда од Саудиска Арабија, но кога станува збор за ПСЖ неговиот став е поинаков, Дембеле верува во долгорочниот проект на „светците“ и е подготвен да стави потпис на петгодишниот договор со новиот клуб, за плата што е значително поголема од она што во моментов го заработува во Барселона.
Каталонците немаат никаков простор за маневар бидејќи клаузулата му овозможува на крилниот фудбалер да си замине со уплата на соодветната сума. Тренерот Чави не криеше дека Дембеле му е еден од омилените фудбалери, но Барса се уште се мачи со финансиски проблеми и оваа продажба дефинитивно ќе остави простор за маневар за нови засилувања во тимот до крајот на овој преоден рок.
Што се однесува до ПСЖ, на Дембеле не се гледа како на наследник на Килијан Мбапе, а се очекува доколку голгетерот си замине од клубот до крајот на овој преоден рок, задолжително да биде донесен уште еден врвен напаѓач на негово место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

