Кристијано Роналдо ионака беше незадоволен во Јувентус, а откако тренерот Алегри реши да го остави на клупата за резерви Португалецот уште поцврсто реши до крајот на преодниот рок да си замине од таборот на „црно-белите“ од Торино. Како што јавува францускиот весник „Л’Екип“, желба на Роналдо е кариерата да ја продолжи во Манчестер Сити, а неговиот агент Жорге Мендеш веќе работи напорно за да ги договори деталите.
Сити е еден од ретките клубови кои може да си дозволат да ја покријат платата од 31 милион евра годишно на Кристијано, кој е решен да изврши „предавство“ и да замине во „сината страна на Манчестер“ откако кариерата ја лансираше како член на Манчестер Јунајтед. „Граѓаните“ се уште водат преговори со Тотенхем за Хари Кејн, но цврстото одбивање на „спарси“ ќе ги натера челниците на Сити да се повлечат и пред самиот крај на преодниот рок да го осигураат потписот на Роналдо.
Португалецот слушнал само пофални зборови за клубот од репрезентативните колеги Дијаз, Кансело и Бернардо Силва, воедно е убеден дека со Сити ќе има далеку поголеми шанси да освои нов трофеј во Лигата на Шампионите, нешто што не му појде од рака во Јувентус. Според Л’Екип, Роналдо е убеден дека трансферот ќе може да биде комплетиран до недела, па Португалецот најверојатно нема да настапи за Јуве викендов, на дуелот од второто коло во Калчо-лигата против Емполи.
„Старата дама“ е подготвена да го продаде за да се ослободи од огромната плата што ќе треба да му ја даде на португалскиот голгетер, но ќе бара и отштета од 30 милиони евра за неговиот трансфер. Сити не планира да плати сума за отштета, но не се исклучува можноста за директна размена со некој од играчите на кои Гвардиола не смета (Бернардо Силва или Лапорт).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА