Трансфер-листата на Зидан: На врвот Мората и Хамес Родригез

Реал Мадрид игра фантастична сезона, „кралевите“ се во пол-позиција за титулата во Примера, а ќе се најдат и во финалето од Лигата на шампионите. Зинедин Зидан одлично го ротира тимот, а резервите секогаш кога ќе добијат шанса одлично ја користат, но весникот „Ас“ обелодени дека францускиот стратег веќе ја составил и трансфер-листата од играчи кои ќе добијат зелено светло за заминување во текот на летниот преоден рок. Дел од нив самите инсистираат на заминување во потрага по клуб со поголема минутажа, а има и такви од кои Зидан со право е незадоволен.

Меѓу петмината го нема Пепе, кој веќе објави дека си заминува по истекот од договорот, но и Иско, кој многу лесно би можел да ги смени клупските бои доколку во следните триесет дена не потпише нов договор со Реал.

ХАМЕС РОДРИГЕЗ

Колумбискиот репрезентативец игра одлично кога и да добие шанса, но тоа се случува премногу ретко. Тој не го крие незадоволството од премалата минутажа, а со оглед на фактот дека станува збор за играч од највисока класа, половина од европските гиганти искажаа сериозен интерес за да го доведат во своите редови. Последните информации околу Хамес велат дека Колумбиецот ја прифатил понудата на Манчестер јунајтед, но ќе почека да види дали овој тим ќе обезбеди влез во ЛШ пред да го комплетира трансферот. Реал очекува да заработи најмалку 60 милиони евра од продажбата на овој фудбалер.

АЛВАРО МОРАТА

morata real temen dres

При камбекот од Јувентус му беше ветено дека ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети. Мората сепак остана во сенката на Бензема, настапувајќи само на помалку важните натпревари, што беше доволна причина тој самиот да инсистира на летен трансфер. Челси и Арсенал и минатото лето го бараа, трката продолжува и во овие месеци, а Мората е поблизу до „Стемфорд бриџ“, каде би бил замена за својот репрезентативен колега Диего Коста.

Челси е подготвен да плати 70 милиони евра за шпанскиот голгетер, одличен бизнис на Флорентино Перез, кој минатото лето издвои 30 милиони за да го врати Мората назад од Јувентус.

КЕЈЛОР НАВАС

Костариканскиот голман премногу варира во формата, прима катастрофални голови и брани зицери, со што само го натера Флорентино Перез да ги интензивира преговорите со агентот на Давид де Хеа. Камбекот на шпанскиот голман во Мадрид (претходно бранеше за Атлетико) е се поблизу до реализација, а во една таква ситуација Реал ќе нема потреба да го чува Навас за резерва, кога за него ќе може да заработи најмалку 20 милиони евра.

ФАБИО КОЕНТРАО

Koentrao-trening

Еден од оние играчи кои си заминуваат поради очајна форма. Воопшто не ги оправда очекувањата ниту оваа сезона, слободно може да се каже дека е меѓу најслабите тројца фудбалери во таборот на „кралскиот клуб“, па не е никакво изненадување што Реал нема намера да ја продолжи соработката со португалскиот лев бек.

Тој најави враќање во татковината, каде Спортинг Лисабон покажува сериозен интерес да го види во своите редови.

МАРИЈАНО

Младиот напаѓач сезонава речиси и да не доби шанса, а ништо подобро не му се пишува ниту за следната година. Зидан веќе разговарал со него и му препорачал да си замине, за да биде дел од клуб каде почесто ќе игра. Реал е подготвен да разговара и за продажба и за позајмица на една или две години, а засега интерес покажале неколку екипи од Примера дивизион.

Се вчитува...