Трансфер-лудилото може да почне – слободни за потпис се Мбапе, Погба, Дибала

Почетокот на новата година го означи и стартот на зимскиот преоден рок, но истовремено и им даде зелено светло на фудбалерите кои имаат само уште по шест месеци од актуелните договори, да можат да преговараат и да потпишат преддоговори со нови клубови. А понудата овој јануари е навистина богата…

На врвот на листата е Килијан Мбапе, големата „ѕвезда“ на ПСЖ и на францускиот фудбал за кого речиси сигурно е дека ќе се пресели во Реал Мадрид. Мбапе веќе одби неколку понуди за да потпише нов договор, преговорите за продолжување на соработката се во прекин, а Французинот не ја крие желбата за преселба на „Сантијаго Бернабеу“. Судбината сакаше Мбапе во осминафиналето од Лигата на Шампионите да се сретне токму со Реал, па се очекува преддоговорот да не биде официјализиран до завршувањето на тој двомеч.

Пол Погба е уште една мегаѕвезда што може да си замине без никаква отштета од својот клуб. Во Манчестер Јунајтед веќе не се ни обидуваат да го задржат Французинот, кому по вторпат ќе му биде дозволено да си замине „гратис“ иако „ѓаволите“ пред неколку години платија 100 милиони евра за да го доведат од Јувентус. Реал јавно се откажа од трката, Барселона не делува како да има преголем буџет, а приоритет на каталонците ќе биде нов голгетер, така што Јувентус повторно е сериозен кандидат во трката за Погба.

Пауло Дибала и Јувентус, ова се претвори во долга и мачна сага откако двете страни никако не успеваат да се договорат за продолжување на соработката. Аргентинецот пред два месеци беше многу блиску до потпис, но ситуацијата во меѓувреме повторно се искомпликува и Аргентинецот сега би можел да си замине.

Челси има тројца дефанзивци на истекот на договорите, Кристенсен е блиску до потпис на нов договор, но истото не може да се каже и за Рудигер, чии барања се неприфатливи за управата на актуелниот европски првак. Германецот е најблиску до Реал Мадрид, откако „кралевите“ лани го доведоа Алаба како слободен играч, а сега се на добар пат да го доведат и Рудигер за формирање на нов дефанзивен тандем. Третиот е Цезар Азпиликуета, кој речиси сигурно ќе си замине од „Стемфорд бриџ“, а најблиску до негов потпис е Барселона.

Лоренцо Инсиње е на чекор да стави крај на долгогодишната авантура во Наполи, откако капитенот на „сино-белите“ начелно ги договори условите со Торонто.

Милан минатото лето без отштета ги загуби Донарума и Чалханоглу, а „росонерите“ речиси сигурно ќе останат и без Кеси. Интернационалецот од Брегот на Слоновата Коска веќе одби неколку понуди за нов договор, а најблиску е до преселба во Премиер-лигата, каде Тотенхем, Арсенал и Ливерпул покажаа интерес да го доведат во своите редови.

Дембеле е на излезна врата од Барселона, Французинот начелно ги има договорено условите со Јувентус, но стигна и заканата од Барса – тој да си замине за отштета во јануари или да биде прекомандуван во младинскиот тим и да гледа фудбал само од трибини во наредните месеци.

Диего Симеоне донесе бројни голгетери во Атлетико во последните две години, а цехот ќе го плати Луис Суарез, кому не му е ни понуден нов договор од мадридскиот клуб. Уругваецот ќе се врати во Јужна Америка, каде има бројни понуди од бразилски и аргентински клубови, а можно е истото да го стори и Анхел ди Марија, кој има само уште шест месеци од актуелниот договор со ПСЖ.

Се вчитува...