Бојан Миовски утре ќе го одигра првиот меч за Абердин во подготовките за новата сезона, иако претходно беше најавено дека македонскиот голгетер нема да настапува за шкотскиот тим додека не бидат разрешени дилемите околу неговата иднина.
Миовски имаше фантастична сезона за шкотскиот тим постигнувајќи 26 погодоци за Абердин, со што го привлече вниманието на Селтик, Глазгов Ренџерс, Болоња и на неколку англиски клубови, па поради преговорите за трансфер тој воопшто не беше во тимот за претходниот меч со Квин оф Саут. Сепак, преговорите очигледно се одолговлекуваат, па „црвено-белите“ решија да во вклучат македонскиот ас во својот ростер.
Абердин утре го очекува нов меч од Премиер Спортс купот, а тренерот Џими Телин потврди дека Миовски ќе биде во тимот за дуелот со Ист Килбрајд.
„Имавме добар разговор пред последниот меч и тој не беше во составот за тој дуело. Сепак, Миовски тренираше одлично минатата недела, затоа и решивме да го вклучиме во тимот за следниот дуел, па ќе видиме што ќе се случува во иднина. Бојан е добро момче, тој е мирен, напорно работи, делува свежо и мотивирано. Во преодниот рок секогаш можат да се случат најразлични работи за кратко време, но Миовски утре ќе биде во нашиот тим“, изјави Телин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА