Травица: Хрватите беа потонати, а ние ги вративме во живот

Македонските одбојкари имаа позитива од два сета, но не успеаја да ја совладаат Хрватска и да се пласираат во финалето на Ф4 турнирот во Сребрената Европска лига што се одржува во Скопје. Хрватите ’вокреснаа’ во продолжението од мечот и на крајот славеа со 3-2 во сетови, а утре во мечот за златото ќе играат против Белорусија.

Селекторот Љубомир Травица смета дека токму Македонија со лошата игра во вториот дел од мечот, ги врати Хрватите во живот.

„Тешко е да се каже што се случи. Хрватите се одличен тим. Беа потонати, а ние ги вративме во живот. Штета, можевме да стигнеме до победа, после првите два одлични сета, имавме шанса и во четвртиот за комплетен триумф. Но, тие разликата ја направија во нападот. Ние не им париравме. Во вториот дел од мечот изгубивме фокус, одбојкарите не ја спроведуваа тактиката. Имавме сериозни проблеми“, анализира селекторот Травица.

Вели дека добро се работело во подготовките за овој Ф4 турнир.

„Имавме проблеми со повреди, имаше и промени на некои улоги во тимот. Но, имавме одлична атмосфера. Момците заслужија да играат финале, вечерва имавме и шанса, но, за жал, не ја искористивме. Така е кога не се почитува максимално договореното. За утре против Летонија, мораме да одиграме најдобро што знаеме. Но, борбата ќе се одвива во главите на одбојкарите“, заврши Љубомир Травица.

Се вчитува...