Тренчовски: Одигравме лош натпревар, погрешив и во изборот на првите 11

Тренерот на Академија Пандев, Југослав Тренчовски очекувано не можеше да ја сокрие разочараноста по убедливиот пораз на струмичани од Зрињски во своето деби на европската сцена. „Пандевци“ загубија со 0-3 во Скопје во првиот натпревар од почетокот квалификациско коло за Лига Европа, со што остануваат мали надежи за пласман во следната рунда натпревари.

„Одигравме навистина лош натпревар во кој бевме инфериорни на физички план. Примивме многу брзо погодок и потоа едноставно беше тешко да се вратиме во игра. Но, мора да се истакне дека за сите нас, вклучувајќи ме и мене, ова е едно ново искуство затоа што не е исто да се игра на европската сцена и на домашната. Дел од вината за ваков пораз припишувам и на мене затоа што можеби, кога сега ќе се погледне, погрешив околу изборот на првите 11. Сепак, останува на реваншот да го поправиме впечатокот. Верувам дека во Мостар ќе одиграме далеку поквалитетен натпревар“ – истакна Тренчовски на прес-конференцијата по средбата.

Стратегот на Зрињски, Хари Вукас презадоволен од триумфот на неговата екипа…

„Среќен сум што дебитирав со ваква победа на клупата на Зрињски. Можеби изгледаше ова лесна победа за нас, но мора да нагласам дека ниту најмалку не беше едноставно. Многу ни помогна раното водство, а потоа беше се полесно. Но, убедливата победа не смее да не залаже и на реваншот мора да одиграме исто вака максимално ангажирано“ – рече Вукас.

Се вчитува...