Тренерите со „тенки нерви“, или судиите со „НУЛА толеранција“ – И Валенти од АП Брера исклучен, а жолти картони добија Мојсов, Здравков, Симов, Бајрами…

Двајца тренери на македонски прволигаши не го дочекаа крајот на натпреварите на своите екипи во 1. коло од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Покрај тренерот на Силекс, Горазд Михаилов кој заработи исклучување на дуелот во Штип против Брегалница, црвен картон заработи и тренерот на АП Брера, Италијанецот Џовани Валенти. А, покрај нив уште пет тренери заработија жолти картони на денешните дуели, Ѓорѓи Мојсов од Тиквеш, Горан Симов од Македонија ЃП, Горан Здравков од Брегалница, Муарем Бајрами од Шкендија, како и тренерот на голманите на Струга ТЛ, Дардан Мифтари.

Интересно, на петте натпревари од 1. коло во ПМФЛ, денеска имаше вкупно ОСУМ ГОЛА а СЕДУМ ЦРВЕНИ КАРТОНИ.

Сето тоа укажува на фактот дека и тоа како се применуваат новите правила на ФИФА и УЕФА воведени од 1. јули оваа година, а кои ФФМ претходно најави дека стриктно ќе мора да бидат применувани со НУЛА толеранција за неспортско однесување на членовите на стручните штабови и клупите на тимовите.

Тренерот на АП Брера, Италијанецот Џовани Валенти заработи црвен картон во 91. минута на мечот на неговиот тим со Вардар поради неспортско однесување.

Како што е познато на дуелот во Штип, тренерот на Силекс, Горазд Михаилов исто така заработи црвен картон во 91. минута, на мечот на кој и фудбалерот на кратовци, Рајков во 70. минута доби исклучување. На истиот натпревар, во 30. минута и тренерот на Брегалница, Горан Здравков доби жолт картон.

Бобан Георгиев кај Воска во 76. минута, и Аденис Шаља во 63. минута кај Шкендија, пак, беа исклучените фудбалери на мечот во Охрид, на кој жолт картон во 95. минута поради вербална реакција доби и тренерот на Шкендија, Муарем Бајрами.

На мечот во Струга, директен црвен картон поради неспортски однос во 84. минута заработи Бесарт Исаку член на администрацијата на стружани, а тренерот на голманите на Струга ТЛ, Дардан Мифтари заработи жолт картон.

Во Кавадарци, пак, Кристијан Стојкоски во 61. минута заработи директен црвен картон поради удар на противнички фудбалер.

А, жолти картони заработија и двајцата тренери, Ѓорѓи Мојсов во 85. минута кај Тиквеш и тренерот на Македонија ЃП, Горан Симов во 48. минута.

Се вчитува...