Тренерот го суспендираше, Куманово не му дава плата, ниту авионска карта за да си замине

„Бродот“ на Куманово од ден за ден тоне се подлабоко. Откако од тимот поради неисплатени месечни примања заминаа Ѓорѓе Каплановиќ и Петар Николиќ, кои притоа поднесоа и тужба до арбитражниот суд БАТ, шокантна изјава до ЕКИПА испрати Американецот Роберт Луис.

Имено бекот кој го најави Куманово како големо засилување е отстранет од тимот бидејќи не се поздравил со тренерот Ѓорѓиевски за време на натпревар.

„Ме отстранија од тимот поради тоа наводно не сум се поздравил со тренерот на полувреме од натпревар, а јас навистина не знам ни за кој натпревар станува збор и случката е крајно бизарна. Се обидов да зборувам со тренерот за да ја решиме ситуацијата, но не добив дополнителни информации. Само ми кажа дека сум отстранет и да не доаѓам повеќе“, вели Луис за ЕКИПА.

Притоа Американецот и покрај тоа што последниот настап за „сино-белите“ го запиша на квалификациите за ФИБА Еврокупот се уште е во Куманово и повеќе од месец дена ја чека повратната авионска карта. Се храни од клубот, но  се уште не добил плата од тимот.

„Се уште јадам од клубот, но немам добиено ниту една плата. Не знам што се случува бидејќи чекам да ми платат карта за да заминам назад во САД, но чекам веќе подолго време. Целата ситуација станува фрустрирачка“, додава Американецот.

Куманово и во новата сезона влезе со големи амбиции при што беше пријавено и учество во ФИБА Еврокупот, но наместо „пловидба“ низ Европа, „бродот“ на северот на Македонија се позабрзано тоне.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KK KUMANOVO 2009 (@kkkumanovo)

Се вчитува...