Тренерот на Чурлинов, прв „пик“ за селектор на Белгија

Роберто Мартинез неславно ја заврши авантурата како селектор на Белгија, откако „црвените ѓаволи“ под негово водство не успеаја да ја минат групната фаза на СП во Катар.

Мартинез веднаш по ремито со Хрватска објави дека го напушта кормилото, а главен фаворит за негов наследник е долгогодишниот капитен на оваа репрезентација, Винсан Компани. Екс-фудбалерот на Манчестер Сити моментно е тренер на нашиот Дарко Чурлинов во Барнли, тим со кој има зацртано цел експресно да го врати назад во Премиер-лигата.

Тој претходно го водеше и Андерлехт во татковината, а во ситуација на раскол во националниот тим, челниците на федерацијата сметаат дека токму поранешен ас со реноме како она на Компани е идеален за враќање на победничката атмосфера во репрезентацијата.

Извори блиски до овој стратег тврдат дека тој е фокусиран само на Барнли и не размислува за нов предизвик, но за наредната седмица се закажани разговори со Белгиската Фудбалска Федерација, чии челници се надеваат дека ќе успеат да го премислат. Доколку не го сторат тоа, Белгијците ќе се свртат кон останатите опции за селектор, а на нивната листа се наоѓаат Филип Клемен, Тиери Анри и Луј ван Гал.

Се вчитува...