Бојан Миовски полн со самодоверба се врати во Џирона по репрезентативната пауза, па на вчерашниот дуел против Еспањол го одигра својот најдобар натпревар во шпанската Ла Лига.
Џирона по првото полувреме имаше предност од 4-0 против Еспањол, а во главна улога беше токму Миовски, кој го предводеше својот тим со два гола и една асистенција. Македонецот ги собра комплиментите со настапот на овој меч, а тренерот Мичел имаше само пофални зборови за Миовски.
„Многу сум среќен за Миовски… Тој е играч што секогаш дава се од себе на тренинзите, беше загрижен што не постигнуваше голови, но јас не се сомневав, тој секогаш дава се од себе за тимот. Му требаше време, а во прилог не му одеа ниту споредбите со Довбик, кој беше наш најдобар стрелец ланската сезона. Бојан е Бојан, не е Артем и луѓето треба да го разберат тоа. Тој денеска покажа извонреден квалитет, верувам дека ќе продолжи во ист ритам, овие голови дефинитивно ќе му дадат мир и ќе го намалат притисокот“, изјави Мичел по дуелот со Еспањол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА