Еден лош натпревар и пораз на домашен терен од Жилина (1-2) беше доволен за да исчезне сиот оптимизам во редовите на ФЦ Копенхаген. Данскиот првак сепак се пласираше во следната квалификациска рунда, каде ќе се сретне со Вардар, а тренерот Стале Солбакен улогата на фаворит му ја препушта токму на македонскиот шампион.
„Ако треба да избереме фаворит пред тие средби, тоа сигурно е Вардар. Тоа е поинаков, поквалитетен тим од Жилина, поседува неколку одлични фудбалери, пред се во нападот. Одигра тесен меч во Малме, а на реваншот беше одличен во второто полувреме. Како и да е, јас сум фокусиран на својот тим, за да го извлечам најдоброто од моите фудбалери“ – изјави Солбакен.
Тој потенцираше дека очекувањата се високи поради ланската фантастична сезона што Копенхаген ја заврши без ниту еден единствен пораз. Сепак, Солбакен е свесен дека таквите резултати се недостижни за овој тим, по заминувањата на неколку клучни фудбалери од ланскиот состав.
„Јас не сум Худини, она што се случи лани е најверојатно најдобрата сезона во клупската историја, но не треба поради тоа сега да се очекуваат идентични резултати. Знам дека можеме да бидеме добар тим, но мораме да работиме напорно. Факт е и дека не сме најдобро подготвени, ретко кој играч може да издржи 90 минути, а имаме натпревари на секои три дена. Како и да е, не се обесхрабруваме, туку продолжуваме со тренинзи за да напредуваме во играта“ – истакна тренерот на Копенхаген.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА