Монпелје вечерва ја има улогата на фаворит во пресрет на дуелот против Вардар во рамки на 11. коло од Лигата на шампионите. Францускиот клуб се наоѓа на лидерската позиција во групата и се надева дека ќе остане на местото кое води директно во четвртфиналето.
Токму за оваа ситуација зборуваше тренерот Патрис Канаје, кој воедно покажа и респект кон „црвено-црните“, враќајќи ги спомените од дуелот со Вардар од полуфиналето во 2018-та година.
„Мора да покажеме скромност. Благодарение на одличниот старт, местото во осминафиналето ни е загарантирано со реванш на домашен терен. Тоа е неверојатно, досега не ни се случило. Предизвикот на преостанатите четири средби нема да биде минимален, ќе биде неопходно да се бориме ако сакаме да стигнеме директно до четвртфинале. Мора да бидеме амбициозни иако сме во комплицирана ситуација со некои од повредите. Нема сомнение, Вардар предизвикува спомени од полуфиналето во 2018 година, ова е судир на две големи екипи. Клубот од Македонија во моментот можеби е во криза, но зборуваме за тим со неколку титули во ЛШ. Ќе се обидеме да дојдеме до позитивен резултат. Големо задоволство е да играме натпревари во ЛШ пред своја публика. Од своите играчи очекувам борба во сите 60 минути, во секој натпревар“, изјави Канаје.
Вардар 1961 е во серија од седум порази во елитното натпреварување. Гостувањето во Монпелје ќе биде навистина тешко, а голем проблем ќе биде отсуството на Анте Гаџа и празнината на средната бековска позиција. Дулеот меѓу Монпелје и Вардар е вечерва на програмата со почеток од 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА