ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Тесно беше утрово во хотелот „Панорама“ во Загреб, каде се најдоа членови на дури десет репрезентации, четирите од групата Ц кои беа на заминување и новите шест (по трите најдобри од А и од Б групите) кои се подготвуваат за почеток на следната фаза што ќе се игра токму во „Арена“. Во фоајето имаше бројни ракометни „фаци“ меѓу нив и францускиот стратег Тиери Анти, за нас интересен поради фактот дека е тренер на Кире Лазаров во Нант.
„Играте одлично и искрено ви честитам поради тоа. Кире Лазаров е врвен ракометар, но неопходна му е помош од останатите, што на ова првенство ја добива. За мене како тренер на Нант би било идеално да може да одмори барем малку, десетина минути да одиграте со друг десен бек, но од друга страна ми е јасно колкаво е неговото значење за играта на Македонија“ – изјави Анти.
Искусниот стратег ја поздрави идејата на Раул Гонзалес за тактика на „седум на шест“ против Германија.
„Тоа е тактика што одлично му одговара на Лазаров. Тој е ракометар со визија, со неверојатен преглед на играта кој знае кога треба да шутне, а кога да додаде. Па го видовте последното додавање до пивотот, снајперски прецизно, што за жал не го крунисавте со гол. Како и да е, пријатно сум изненаден од Македонија и ви посакувам многу среќа на следните натпревари“ – порача тренерот на Нант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА