Тренерот Робсон моли: Газда, не го продавај Миовски, потребен ни е во Абердин

Бојан Миовски повторно беше во главна улога за Абердин, откако македонскиот репрезентативец постигна два гола за пресврт и победа од 2-1 над Ливингстон.

Во таборот на Абердин се пресреќни што го имаат нашиот голгетер, но тренерот Бери Робсон е свесен дека новиот блесок на Миовски уште повеќе ќе ја зголеми неговата цена и лесно може да се случи Македонецот да биде продаден во текот на јануарскиот преоден рок. Затоа, Робсон во изјавата по мечот јавно побара од претседателот Дејв Кормак да не го продава Миовски најмалку до крајот на оваа сезона.

„Миовски постигна два прекрасни погодоци, можеби можеше да даде уште два. За нас најважно е што победивме, овие два месеци беа многу тешки, но успеавме да дојдеме до добри резултати. Бојан е одличен голгетер, но верувам дека најдоброто од него допрва следи. Напредува од ден на ден откако дојде во клубот, односот со Дук и со Соклер му е беспрекорен, тоа се гледа и од соработката на теренот. Нам ни одговара да го имаме за нашата игра во транзиција, него му одговара бидејќи секогаш го бараме него со топките кон нападот. Миовски да остане, тоа е најдобро за сите, затоа ќе мораме да да замолиме Дејв Кормак да не му дозволи да си замине во јануари. Правиме одличен проект овде, потпишавме многу добри играчи и важно е Миовски да остане. Нормално дека кога игра на вакво ниво ќе привлекува внимание и понуди, но се надевам дека тој ќе ни помогне барем до крајот на сезонава“, изјави Бери Робсон.

Миовски сезонава има осум гола во Премиер-лигата, еден помалку од лидерите на листата на најдобри стрелци во Шкотска, Таверние и Сима од Глазгов Ренџерс и О’Рајли од Селтик.

Се вчитува...