Најдобриот македонски баскетџија Ервин Цого во 2024 година прифати нов предизвик да влезе во тренерските води добивајќи шанса да биде дел од швајцарската „3х3“ репрезентација, како и дел од тимот на Фрибург.
Со Цого во тимот, Швајцарија го доживеа најголемиот успех во историјата кога станува збор за кошарката во оваа држава. Освоено прво место во квалификациите за Европското првенство, а потоа и четврто место во силна конкуренција на собирот на најдобрите европски репрезентации.
„Успехот што го направивме ретко кој го очекуваше освен ние самите. Верувавме дека ќе ги минеме квалификациите, знаевме дека имаме квалитет, а на крилја на одичните игри во нив влеговме и на Европското првенство. Фантастично е тоа што една држава како Швајцарија ја ставивме на мапата на европската „3х3“ кошарка. Но, ништо не е случајно. Тоа е исход на одлична работа, вложениот труд и вложувањето во тимот“, вели Цого во разговор за ЕКИПА.
Успехот се преслика и на тимското ниво. Екипата на Фрибург расте од година во година бележејќи успех со влез меѓу најдобрите 25 екипи во светот.
„Успешна година како и за тимот така и за мене. Научив многу во оваа дебитантска година на тренерско ниво. Фантастично искуство. Им благодарам за довербата. Верувааа дека можам многу да помогнам, верував и јас со себе и на крајот се се покажува во резултатот. Верувам дека ќе продолжиме да растеме и да се развиваме, и тимот и јас како тренер“, додава скопјанецот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА