Се подготвува тренерска смена во Гостивар?

Гостивар е третиот тим во македонската Прва лига кој ќе добие нов тренер. ЕКИПА дознава дека Мурат Дабан нема повеќе да ја води екипата, и дека од денеска тимот го презема неговиот помошник, и поранешен фудбалер на оваа екипа Муарем Муарем.

Според информациите, на утрешното гостување кај Беласица во рамките од Купот на Македонија, Муарем ќе ја води екипата. Дабан со отказ го „плати“ поразот од Македонија ЃП со 3-0. Во моментов Гостивар има само една победа, и дури шест порази, и екипата се наоѓа на последното место на табелата.

Со оглед на фактот дека Гостивар донесе над 20 нови фудбалери во летниот преоден рок, некои од нив и звучни, прволигашки имиња како Зука, Абдула, Биљали, Кировски, Елмас, Мујезиновиќ, Рамадани, Ѓурѓевиќ, а тука е и Алпер Потук, екс репрезентативец на Турција и поранешен фудбалер на Фенербахче. Меѓутоа бодовното салдо и игрите засега не соодејствуваат со играчкиот кадар, по што тренерската смена е се чини најреална и неизбежна опција.

Уште пред репрезентативната пауза се шпекулираше дека Гостивар би можел да го смени тренерот, но тогаш Дабан „преживеа“. Овој тренер дојде на местото на Дерелиоглу во текот на минатата сезона, и управата му ја додели довербата да го води тимот низ прволигшките настапи.

Досега два прволигаши добија нови тренери. Вардар се раздели со Грнчаров и го врати Васоски, додека смена имаше и на „Чаир“ кога на местото на Чихат Арслан дојде Младен Жижовиќ.

Се вчитува...