И новата фудбалска сезона во Првата лига на Македонија и не само во неа, покажа дека тренерската организација во Фудбалската федерација нема сили да се спротивстави на клупските моќници во нашиот фудбал. Залудни се сите потпишани договори меѓу тренерите и клубовите, секој пораз, секој неуспех се плаќа со отказ.
Веќе е излитена онаа фраза наменета за тренерот кој заминува иако има договор со порака од клубот: „,Му благодариме на досегашната соработка, му посакуваме успех во друите клубови“ и толку.
Не случајно ФФМ се наоѓа на високо место на ранг листата на УЕФА поради честа смена на тренерите. И така е веќе со години без оглед кои луѓе ја водат тренерската организација. И ФФМ е немоќен, клубовите се тие кои одлучуваат кој ќе биде тренер и до кога. Нивниот одговор за оваа зачестена смена на тренерите е добро позната. Ние ги плаќаме, ние одлучуваме.
Во прилог на сето ова напишано говори и овој податок. Туку што почна новата сезона, по само одиграни 12 кола во Првата лига на Македонија, од 12 клуба, веќе седум ги сменија тренерите. Што е многу, многу е и тешко дека некој ќе поверува дека самите си дале отказ, иако е мимимален број на оние кои си замнале поради подобри понуди или несредени односи со клубот.
Почна со Работнички
Сезоната на смена на тренерите ја отвори Работнички откако на крајот на изминатата сезона Горан Станиќ беше назначен за селектор на млада репрезентација, играчи до 21 година. На стартот за нов тренер беше назначен неговиот помошник Бојан Марковски, но по првите неуспеси, на неговото место беше ангажиран поранешниот тренер на Шкупи Арпаслан Ендем. Но поразите продолжија и почна да му се ниша столчето.
За многумина беше изненадување зошто си замина од кормилото на Башкими Баже Јанакиевски кој го внесе клубот во Првата лига. Го замени Муарем Муарем, но по неколку кола во клубот повторно се врати Баже Јанакиевски.
И Тиквеш не остана покус во овој есенски егзодус на тренери. Ѓорѓи Мојсов долго беше тренер на кавадарскиот клуб, но кога зачестија есенва поразите, мораше да си замине. Сега на клупата е искусниот Борче Христов, кој инаку од пред извесно време од ФФМ доби задолжение да биде главен во издавањето на Про лиценци за тренери.
Димитар Капинковски, кој по Срѓан Захариевски дојде на чело на Пелистер не се прослави многу со постигнатите резултати. Освен тоа ја водеше и млада селекција на Македонија, играчи до 17 години, што беше премногу за него и беше неминовно да си замине од клубот. На неговото место сега е ангажиран поранешниот репрезентативец на Македонија Милан Стојановски.
Заврши со Македонија Ѓ.П
Брера која често ги менува тренерите, пред неколку кола се раздели со Панче Стојанов, клубот сега го тренира Мартин Алаѓозовски. За неполни две години на кормилото беа уште Бојан Круљ, Горазд Михајлов, Џовани Валенте и Тони Атанасов.
Во Шкупи веќе и не се знае кој се беше тренер. Сезоната ја почна Арпаслан Ендем, потоа го наследи Умин Шахин, сега нов тренер е познатиот поранешен фудбалер Минас Османи. Пред сите нив во изминатата сезона го водеа Ернест Ѓока, Арслан Џихат, Матеја Мирков и Младен Жижовиќ.
И на крајот Македонија Ѓорче Петров. Нешто се случува во овој клуб, на последниот меч со Шкендија настапи со играчи од подмладок, шефот на стручниот штаб Боби Грнчаров го немаше на клупата. Дента пред мечот поднесе оставка поради несредените односи во клубот. Екипата ја водеше Боби Стојковски, кој и беше во Македонија како „резервен“ тренер како што ги викаат бидејќи има Про лиценца.
Останатите пет клуба, барем досега се задоволни од работата и резултатите на своите тренери. Тоа се Вардар, Шкендија, Струга Трим Љум, Силекс и Арсими. Но, до кога?
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

