Како тргнало есенва, кој знае уште колку тренери во Првата и единствената Втора фудбалска лига на Македонија ќе успеат да го задржат тренерското столче. Секој неуспех се казнува со отказ, тука нема милост. Дури десет тренери во двете најсилни домашни лиги беа променети во првите десет рунди од стартот на сезоната.
Во Првата лига серијата откази ја отвори Шкендија која го промени Артим Шакири, откако дојде до некои ротации во раководната гарнитура на клубот, иако Шкендија од сите македонски клубови во европските купови имаше најмногу успеси, на крајот беше елиминирана по изведувањето на пенали против шведскиогт АИК. Го замени само на еден меч на куп средбата со Караорман неговиот помошник Скендер Јонузи, за да повторно како шеф на стручниот штаб се врати Ќатип Османи.
Потоа како по онаа поговорка „се шегувавме“, Гоце Седлоски тренерот на Шкупи поднесе оставка по неуспехот против Балкани од Косово во квалификациите за Лига на шампионите, за да на стартот на новото првенство само на еден меч тренер на Шкупи биде Гокан Бочкаја, неговиот помошник. И, толку беше, Седлоски брзо се премисли и повторно седна на клупата на прволигашот од Чаир.
Академија Пандев имаше големи амбиции во новата сезона, но по неколку порази тренерот Ѓорѓи Стојчев доби отказ, се врати повторно Александар Васовски, но нема некои подобрување во играта на струмичани . Да бидеме искрени, немаат ниту силен состав.
Иако во Работнички многу очекуваа од Љупчо Марковски-Калц, тој со резултати не ги оправда очекувањата, мораше да си замине. Во меѓувреме додека Работнички бараше тренер, против Победа екипата од клупа ја водеше Стојанче Игњатов, за да на кормилото биде ангажиран Милан Илиевски.
И Влатко Костов го плати цехот за почетните неуспеси на Тиквеш, иако за тоа придонесоа и некои судиски грешки на сметка на прволигашот од Кавадарци. Си замина а на неговото место дојде Ѓорѓи Мојсов кој бележи сега одлични резултати на клупата на Тиквеш..
Малку требаше и Скопје да добие нов тренер откако Славчо Георгиевски поднесе оставка, но луѓето кои раководат со клубот не ја прифатија, задоволни од неговата работа без оглед на резултатските неуспеси го убедија да остане за да се обиде на оваа најмлада екипа во лигата да и обезбеди опстанок.

И во единствената Втора лига ништо не е подобро. Пет клуба веќе ги сменија тренерите. Почна во Саса, Иван Варадиновски си замина, сега нов тренер е Љупчо Димитковски. И Беласица доби нов тренер. Шефки Арифовски по неколку порази доби отказ, сега клубот ќе го спасува Благој Гуцев.
Најпознато тренерско име во Втората лига, поранешниот селектор на репрезентацијата на Македонија, Ѓоре Јовановски не се прослави во Кожуф. Јовановски не остана долго во Гевгелија, а неговата замена штипјанецот Трајче Сенев ќе се обиде да го „разбуди“ гевгелискиот второлигаш. Но немаше среќа на дебито, Кожув загуби на гостувањето од Беса.
Што да се каже за Тетекс. Кога дојде во Тетово Бојан Захариев, кој нема некое големо тренерско искуство, многу ветуваше, но по две кола остана само на ветувања, доби отказ но и неговиот наследник Даниел Радевски не помогна да се подобрат резултатите. Беше ангажиран нов тренер Љупчо Димовски кој требаше да биде „трета среќа“ за тетовчаните, за жал и тој поднесе оставка откако седеше на клупата на Тетекс само на еден натпревар против Гостивар. Кој тренер е сега на ред кај „штофарите“ чија иднина не е розова.
И на крајот Борец од Велес. Беше јасно дека Благој Петров со една подмладена екипа, со тешка беспарица во клубот нема да издржи долго. Така и беше, поднесе оставка, така велат сите тренери кога заминуваат. На ред е сега познатиот Никола Аврамовски,но дали тој ќе успее да го спаси Борец од испаѓање, тешко е да се прогнозира. Особено по неговиот прв меч, на кој го водеше клубот, кога доживеа убедлив пораз во Велес од Пелистер.
Миодраг Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

