Од 12-те актуелни прволигаши, само две екипи не сменија тренери во изминатата 2023 година, што покажува дека тренерската работа во ПМФЛ е најнесигурна професија. Некои од екипите сменија дури и по двајца тренери, а некои и по три пати како што беа Работнички, Вардар, АП Брера…
Од оние кои ја „преживеаја“ целата 2023 година без да бидат сменети се Горан Здравков кој цела година издржа на кормилото на штипска Брегалница, и Ѓорѓи Мојсов, кој по назначувањето во септември 2022 година, и натаму е тренер на Тиквеш. Останатите сите екипи се решија да менуваат на клупите.
Струга ТЛ од 1. март доби нов тренер во името на Шпетим Дуро, кој го замени Срѓан Захариевски. Неочекувано, Захариевски доби отказ откако беше првопласиран на табелата, но тренерската смена не го поремети планот на стружани да стигнат до првата историска шампионска титула.
Шкупи дури трипати менуваше во 2023 година. Годианта ја почна Гоце Седлоски, за во март бие сменет со Чихат Арслан. Арслан, пак, од семејни причини во септември си замина, а на негово место дојде Младен Жижовиќ, кој имаше серија на успешни резултати и успеа да дојде до втората позиција на крајот од есенскиот дел. Истото се случува и со Шкендија, кој му за заблагодари на Ќатип Османи на крајот од сезоната 2022/23, и го назначи Ардијан Нухиу за нов предводник. Меѓутоа со него се раздели по само шест месеци, односно по завршувањето на есенскиот дел, па така Шкендија во пролетниот дел ќе има нов тренер.
Работнички оваа година го водеа тројца тренер: Милан Илиевски, Горан Станиќ и сега е Гоце Седлоски кој беше назначен на 14. ноември 2023 година. Силекс се одлучи да се раздели со Горазд Михаилов по завршувањето на есенскиот дел од сезоната, додека Македонија ЃП го смени Муарем Бајрами со Горан Симов, а потоа Симов со Џангаровски кој сега е актуелен шеф на стручниот штаб на „лавовите“.

АП Брера доби дури петмина тренери во 2023 година. Годината ја почна Васоски, кој во мај 2023 година си замина од клубот, а потоа кратко време клубот го водеше Тони Атанасов. Од почетокот на оваа сезона дојде Џовани Валенти, но му беше доделен отказ на почетокот на декември, па еден меч екипата ја водеше Ѓорге Стојчев, за по завршувањето на есенскиот дел екипата го назначи Бојан Круљ.
Новиот прволигаш Воска Спорт се одлучи Берат Имери да го замени со Миљан Радовиќ по изборување на прволигашки статус, а во Вардар дојде до смена откако Грнчаров беше заменет со Васоски, а и Васоски си замина по завршувањето на есенскиот дел и ќе го води Силекс во пролетниот дел од сезоната. Вардар, пак, ќе биде воден од Горазд Михаилов.

Најнеизвесна беше ситуацијата во Гостивар која промени три тренери. Во 2023 година влезе со Октар Герелиоглу, а од април 2023 година до септември 2023 година екипата ја водеше Мурат Дабан. Од октомври ја презеде Емре Озбајер кој се задржа само 12 дена, и од 24 октомври екипата ја води Муарем Муарем, и покрај тоа како шеф на струката фигурира Блаже Панов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

