Изминаа само 10 кола во Првата и осум во Втората фудбалска лига на Македонија во есенското првенство, а веќе 11 клубови ги сменија тренерите. Како по обичај, за секој неуспех во македонскиот фудбал ‘виновни’ се еднствено тренерите. Се делат откази како од ракав, не се почитуваат ниту договори, без сила никој да го сопре тој „тренд“ кој се повторува секоја година.
На стартот на годинашново есенско првенство, сезоната на смена на тренери ја отвори Вардар. Навистина Горазд Михајлов не доби отказ, сам си замина по победата над Пелистер поради несогласување со новото раководство на клубот иако во измината сезона успеа да го спаси Вардар од испаѓање од Првата лига. Дека нешто „чкрипи“ во раководењето со Вардар покажа и ангажманот на неговиот наследник на клупата Горан Петревски, популарниот „Чунга лунга“ кој по само две кола и два порази доби отказ. На клупата седна трет тренер Срѓан Захариевски, кој засега, и покрај поразите, опстојува на тренерската функција.
Потоа на ред дојде Шкупи, кој беше незадоволен од првите есенски резултати на албанскиот стручњак Ернест Ѓока, му даде отказ, а шанса доби младиот Матија Мирков. Но, и тој не издржа долго, по две кола беше сменет. Сега на кормилото на прволигашот од Чаир е турскиот тренер Алипарслан Ердем.
По заминувањето од Вардар, Горазд Михајлов ја презеде Брера Струмица која, пак, спогодбено го раскина договорот со дотогашниот тренер Бојан Круљ од Србија, поточно му даде отказ поради слабите почетни есенски резултати.
Покус не остана и новиот прволигаш Беса кој му се заблагодари на тренерот Александар Таневски за досегашната работа посакувајќи му успех во друг клуб, како што тоа обично се пишува кога тренер ќе добие отказ, а на негово место дојде Берат Имери.
Гостивар рекордер
Сепак Гостивар е рекордер по смена на тренерите. Само за една година на нејзината клупа седеа дури пет тренери. Минатата сезона почна со турските тренери Октај Дерелоглу, Мурат Дабан и Емре Озгајер, а сезоната ја заврши со Муарем Муарем. Но тој веќе по десет кола од годинашново првенство мораше да замине. Гостивар повторно ангажира нов тренер од Турција со бразилско потекло Мерсит Нобре.
Гоце Толески го прероди Охрид
Не заостануваат ни фудбалските клубови во Втората лига. Шест клуба во изминатите осум кола ги испратија во „аут“ своите тренери. Најпрво Осогово се раздели од искусниот Добринко Илиевски, шанса му даде на Горан Георгиев. Потоа Детонит од Радовиш неочекувано му даде отказ на Иван Варадиновски, со кој мината сезона за малку ќе избореше прволигашки статус. Но тоа се заборава, сега екипата ја води Горан Здравков од Штип.
Борец од Велес, само по неколку есенски кола се прости од Љупчо Димитковски, укажувајќи му доверба на младиот, не толку познат тренер Даниел Стојановски.
Познатиот Никола Илиевски -Џиџи не се снајде најдобро во Охрид, си замина по само четири кола, на клупата повторно се врати поранешниот репрезентативец на Македонија, Гоце Толевски кој донесе многу радост за навивачите на Охрид. Во последните четири кола под неговата тренерска палка се постигнати исто толку победи, од кои три во гости.
И прилепска Победа има нов тренер откако Јане Николовски, под притисок на слабите резултати поднесе оставка. Екипата сега ќе ја води досегашниот негов заменик и поранешниот фудбалер на Победа, Стојанче Дунимагловски. Имаше успешно деби, забележа победа против Вардар Неготино.
Последна тренерска второлигашка смена се случи во Вардарски. Очекувано, Васе Беќаров мораше да си замине бидејќи Вардарски се најде на последното место по осум кола, со само два бода. Дали ќе го спаси од најлошото, искусниот Ѓоре Јовановски, кој дојде на неговото место, останува да видиме.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА