Второто натпреварување во рамки на „Твинго купот“ почна денеска со првата трка на „Словакиа ринг“ крај Братислава, Словачка. Вториот интернационален предизвик за возачите на „АКК Рено Спорт“ донесе интереска трка и многу возбудувања.
Македонските натпреварувачи имаа солиден настап со тоа што најдобро пласиран на денешната трка беше Владимир Тренески, кој го освои 11-тото место. Веднаш зад него финишира Ангелче Стојковски, додека трет меѓу нашите возачи беше Емил Нацка со освоеното 16-то место.
Овие тројца натпреварувачи беа најдобри во рамки на домашниот шампионат и се искачија на победничкиот подиум. Од останатите возачи, Милан Ѓорѓевиќ беше 17-ти, а зад него целта ја мина Давид Малинковски. Зоран Мирковски беше 20-ти, а Ненад Костовски финишираше на 24-тото место.
За одбележување е одличното возење на Малинковски, кој заедно со Тренески, тимски се пробија кон водечката група „твинговци“ на стартот на трката. Малинковски во еден момент успеа да стигне и до третото место, но во петиот круг на правецот по стартната целна рамнина имаше контакт со еден од ривалите по што излета од патеката. Мартин Костовски исто така имаше контакт со Михајло Миленковиќ, по што двајцата завршија во песокот крај патеката и не ја завршија трката.
Ангелче Стојковски со денешното второ место и освоените 15 бодови изби на првото место во генералниот пласман во домашниот шампионат со 42 бода.
Тимот на „Аутомотив Груп“ има време до утре да ги поправи возилата и да ги подготви за втората трка, која стартува во 10.50 часот.
Победник на денешната трка беше Ник Стефанчич од Словенија, за кого ова беше втор триумф сезонава во рамки на „Твинго Купот“, кој се бодува и за FIA CEZ. Лука Глазер финишираше како втор, додека третото место го освои Том А. Груенфелд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА