Треневски: Работнички го покажа вистинскиот карактер

Работнички, конечно, успеа да стигне до првиот триумф во новата прволигашка сезона, и тоа со огромен пресврт во Прилеп, на дуелот со Победа. „Романтичарите“ имаа негатива од два гола на полувремето, но постигнаа четири погодоци во вториот дел и славеа со 2-4.

Тренерот Виктор Треневски го пофали карактерот на својот тим, среќен што конечно тргнаа работите во вистинска насока.

„Остваривме многу значајна победа. Беше навистина тежок натпревар, а ние дополнително го отежнавме со двата гола што ги примивме во првото полувреме. Но, тогаш до израз дојде вистинскиот карактер на Работнички. Реагиравме на вистински начин. Одиграа момците дрско, храбро, конкретно, па во вториот дел дојдоа головите. Секогаш го потенцирам тимскиот дух во нашиот состав, но сега сакам да ги истакнам младите фудбалери Андреј Лазаров и Миле Тодоров, изданоци од нашата школа, кои одиграа одлично. Ова е многу значаен момент за нас по послабиот старт на сезоната, но сега треба да продолжиме во ист стил и понатаму. Веќе сме со мислите кон следниот предизвик, натпреварот против Академија Пандев в недела. Ќе се вратиме и на арената „Филип Втори“, што секако е уште еден импулс за да одиграме квалитетно“, изјави шефот на стручниот штаб Виктор Треневски за официјалниот сајт на клубот.

Се вчитува...