Тренерот Виктор Треневски по успешната сезона, доби доверба и во следниот шампионат да го предводи Работнички. Според неговите анализи, целта е остварена, сезоната е успешна, иако последните два резултати не беа за пример.
„Апсолутно сме задоволни од тоа што го остваривме во првенството што е зад нас. Минавме трети низ целта, покажавме континуитет, имаше и подеми и падови, но најважно е што одигравме најдобро токму кога беше најпотребно. Тука веднаш сакам и да им се извинам на симпатизерите за последните два лоши резултати, некако предвреме се опуштивме, и никако не смеевме да си дозволиме такви порази против Победа и против Брегалница“, вели шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски, за официјалниот сајт на клубот.
Сега на „романтичарите“ им претстои ново докажување на европската сцена. Подготовките започнуваат за неколку дена, на 8 јуни.
„Нема многу време за одмор, за неколку дена ќе почнеме со нова работа, мораме да се подготвиме за настапот во квалификациите за Лигата на Европа. Прозивката е закажана за 8.јуни, па иако нема да бидеме комплетни, затоа што одредени фудбалери имаат репрезентативни обврски. Ќе стартуваме во Скопје, потоа ќе заминеме за Словенија на летни подготовки, и ќе се трудиме добро да се подготвиме, затоа што Европа не трпи импровизации. Мораме да бидеме максимално подготвени за европските искушенија, иако е јасно дека тимот нема да го добие соодветниот одмор. Но, таа цена мора да се плати“, вели тренерот на Работнички.
Засега, ново име во редовите на Работнички е напаѓачот Стојанчо Велинов, кој дојде од редовите на Ренова и потпиша едногодишен договор.
Фото: www.fkrabotnicki.com
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА