Трент ќе го одбие Реал Мадрид за да остане во Ливерпул

Трент Александер Арнолд е подготвен да ја одбие понудата на Реал Мадрид и да се обврзе на долгорочна верност кон Ливерпул, откриваат извори блиски до десниот бек кој е подготвен да потпише нов договор со „црвените“.

Александер Арнолд е еден од тројцата првотимци на Ливерпул кои веќе влегоа во последната година од договорот со клубот (заедно со Салах и Ван Дајк), но Англичанецот важи за икона на „црвените“ поради фактот дека станува збор за играч кој потекнува од школата на Ливерпул, роден токму во овој англиски град. Токму затоа, приоритет на Ливерпул ќе биде во следниот месец да се потпише нов договор со Трент, нешто на што е подготвен и самиот фудбалер.

Реал Мадрид сериозно ја следеше ситуацијата на одличниот дефанзивец, надевајќи се дека тој ќе одолговлекува со потписот со Ливерпул за веќе во јануари да потпише преддоговор со „кралскиот клуб“. Сепак, Александер Арнолд веќе јасно ставил до знаење дека нема намера да му направи такво нешто на клубот во кој ја мина целата кариера. Трент е решен да потпише нов договор, а „црвените“ веќе подготвуваат нова петгодишна соработка со која англискиот репрезентативец ќе стане втор најплатен фудбалер во тимот (зад Мохамед Салах).

Ливерпул по новиот договор со Александер Арнолд ќе се насочи кон Вирџил ван Дајк, додека со Салах ситуацијата е поразлична бидејќи Египќанецот веќе најавил дека сака следното лето како слободен играч да се пресели во Саудиска Арабија.

Се вчитува...