Трент Александер Арнолд се опорави од повредата и ќе биде во комбинација за настап за Реал Мадрид на утрешното гостување во ЛШ во кое „кралевите“ за ривал ќе го имаат неговиот поранешен клуб Ливерпул.
Десниот бек ја мина целата кариера во Ливерпул и настапи на 359 меча за „црвените“ пред летово да реши да ги смени клупските бои и како слободен играч да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Александер Арнолд освои осум трофеи со Ливерпул, постигна 23 гола и 92 асистенции за овој клуб и не крие дека утрешниот меч ќе биде специјален за нег.
„Знам дека ќе биде чудно, се ќе биде поинаку, од самото влегување на стадионот и облекувањето во гостинската соблекувална. Знаев дека во еден момент ќе се случи и да дојдам како гостин на „Енфилд“, а тогаш ждрепката за ЛШ посака тоа да се случи неколку месеци по моето заминување. Не знам каков дочек ќе добијам од навивачите, тоа е нивни избор, но утрешниот ден секако ќе биде специјален за мене. Ако дадам гол? Сигурно нема да го прославам“, прокоментира Александер Арнолд во пресрет на дуелот на европските гиганти.
Останува да се види дали дефанзивецот воопшто ќе добие шанса од Чаби Алонсо ако се знае дека Англичанецот не се снајде најдобро во тактичките замисли на новиот тренер и досега има одиграно само 156 минути сезонава во дресот на Реал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

