Македонскиот фудбалер на 20. век, Дарко Панчев повторно се врати во својот Вардар. По претходните две „акции“ на раководните функции во црвено-црните редови низ кои и не остави нешто позабележително зад себе, Панчев сега доаѓа по трета среќа како спортски директор на најтрофејниот македонски клуб.
Претседателот на Вардар, Мирко Спасески денеска официјално го промовираше Дарко Панчев како нов спортски директор, функција која остана празна откако Гоце Седлоски, по отказот за Русинот Сергеј Андреев, ја презеде тренерската палка. Претходно, како што е познато, прв спортски директор во времето на владеење на Сергеј Самсоненко со Вардар беше поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски.
„Сакам да претставам дека Дарко Панчев e нов спортски директор на Вардар, доаѓа на оваа функција откако беше испразнета по одењето на Седлоски на тренерската функција. Панчев ќе раководи со сите фудбалски активности во првиот тим и со академијата на Вардар“, изјави претседателот на клубот, Мирко Спасески.
Потоа збор зема и легендарниот „Кобра“, кој по трети пат се враќа во најтрофејниот македонски фудбалски клуб.
„Нема да кажувам што претставува ФК Вардар за мене. Возбуден сум затоа што сум тука. Добив коректна понуда од господинот Самсоненко и затоа сум тука. Од тоа што ми е кажано, и што гледам дека има услови за развој на Вардар каков што треба. Јас сум тука да помогнам да се подобри резултатски тимот на европска сцена, да се зголеми посетата на натпреварите и да се помогне во работата на младинската академија. Ова е мое трето враќање во клубот, се надевам дека ќе останам и подолго од претходните два обиди!“, истакна Дарко Панчев во своето прво обраќање како нов спортски директор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА