„Трета среќа“ за Ливерпул: Клоп тргнува по фудбалер на Кристал Палас

Ливерпул мора да реагира и што поскоро да донесе нов дефанзивен играч за врска, кој би ја пополнил дупката што настана по заминувањата на Хендерсон и на Фабињо. „Црвените“ не успеаја во намерата да го потпишат Каиседо, потоа пропадна и опцијата Лавија од Саутемптон, па откако овие двајца фудбалери завршија во Челси, Јирген Клоп е принуден да бара и трета опција за што поскоро да донесе играч на најтенката позиција во својот тим.

Шеик Дукуре од Кристал Палас е најновата желба на германскиот стратег, челниците на Ливерпул веќе имале првичен контакт со фудбалерот од Мали, кој изразил подготвеност да се пресели на „Енфилд“ доколку биде постигнат договор меѓу клубовите. Добра вест за Ливерпул е што Палас бара меѓу 50 и 60 милиони фунти за 23-годишниот Дукуре, што е половина од сумата што „црвените“ беа подготвени да ја платат, па ќе им останат пари во буџетот за уште едно засилување (се шпекулира со Гравенберх од Баерн Минхен).

Кристал Палас минатото лето го доведе Дукуре од таборот на Ленс за 18 милиони фунти, па лондонскиот клуб летово за тројно повисока сума би се разделил од африканскиот играч за врска.

Клоп инсистира преговорите да се забрзаат за новото засилување да може да настапи барем на дел од саботниот меч со Борнмут, а потоа и да има доволно време за адаптација за дербито на третото коло, на гостински терен против Њукасл.

Се вчитува...