Третото коло во Евролигата ја донесе и првата тренерска „жртва“ откако Пабло Приџони вечерва си поднесе оставка од функцијата шеф на стручниот штаб на Басконија. Причина е вечерашниот пораз на домашен терен од Валенсија со убедливи 63-80, што беше трет пораз во низа за Басконија во Евролигата. Младиот стратег не успеа да го извлече максимумот од тимот што самиот го состави, па реши да си поднесе оставка што беше прифатена од страна на клупското раководство.
Фенербахче во градското дерби го совлада Анадолу Ефес со 81-70, одмаздувајќи му се на градскиот ривал за поразот на стартот од сезоната во турскиот шампионат. Весели со 15 и Вонамејкер со 14 поени беа најефикасни кај актуелниот европски првак, каде тренерот Обрадовиќ се уште не може да смета на повредените Калиниќ и Диксон.
ЦСКА Москва славеше на дуелот против Панатинаикос со убедливи 81-63, меч на кој рускиот гигант доминираше од почеток до крај. Пред финишот на првото полувреме дојде до сериозен инцидент при кој исклучени беа Де Коло од ЦСКА и Гист од ПАО, но тоа не го исфрли од ритам екс-шампионот на Европа, кој предводен од Серхио Родригез (25 поени и 9 асистенции) стигна до својата втора победа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА