Дуелот меѓу ППД Загреб и Целје во кое хрватскиот шампион победи со 23-21 и остана во игра за осминафинале во ракометната Лига на шампионите, доби и „трето полувреме“. Словенците беа огорчени на белоруските судии Андреј Гушко и Серхеј Репкин и бараа објаснување недозволувајќи им да го напуштат теренот, а на прес-конференцијата по натпреварот се „закачија“ и тренерите на двете екипи, Бранко Тамше и Силвио Ивандија.
„Ние овде дојдовме да играме ракомет. Ќе бидам џентлмен и тука ќе застанам“ – рече тренерот на Целје, Бранко Тамше.
Неговиот играч Лука Звижеј, беше уште поостар во својата изјава:
„Вакво нешто не сум доживеал во целата кариера досега. Ова е многу лоша реклама за ракометот и за Лигата на шампионите. Овде имаше се, само ракомет не“.
Од изјавите на Словенците се најде погоден тренерот на Загреб, Силвио Ивандија.
„Морам да ги заштитам своите играчи. Им препорачувам на Словенците да ја погледнат снимката од натпреварот и да објаснат кај беа 45 минути и дали судењето било баш такво како што зборуваат. Тоа се најобични глупости и измислици“ – рече тренерот на Загреб.
Изјавата на Ивандија, Тамше ја проследи со иронична насмеква, а тоа уште повеќе го разлути тренерот на Загреб:
А, како го добивте вие Кјелце?! Супер одигравте или натпреварот беше малку чуден? Дај, не правете циркус“ – извика Ивандија.
По натпреварот во Загреб, Целје го завршува настапот во Лигата на шампионите без пласман во осминафиналето, а хрватскиот шампион останува во игра на ТОП 16, но, за да го продолжи настапот во ЛШ му треба победа на Вардар во неделниот дуел против Кристијанштат. Со секој друг резултат од овој меч, ви осминафинале оди шведскиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА