Трезеге е деветто засилување на Астон Вила

Астон Вила успеа да се врати назад во Премиер-лигата, по што клубот од Бирмингем активно договара нови фудбалери за сезоната во елитното англиско фудбалско друштво. Челниците на Астон Вила денеска го потврдија и деветтиот трансфер – египетскиот репрезентативец Махмуд Хасан Трезеге кој пристигна од таборот на Касимпаша.

Турскиот клуб заработи 9,5 милиони евра од продажбата на Трезеге, кој потпиша договор на четири сезони. Станува збор за офанзивен играч за врска кој добро се снаоѓа и како напаѓач, за неговите услуги се интересираше и Сампдорија, но Астон Вила успеа да излезе како победник од оваа трка.

Челниците на Астон Вила со овој трансфер ја пробија границата од потрошени 100 милиони евра летово. Пред Трезеге ангажирани беа и напаѓачот на Бриж, Весли, дефанзивците Тајрон Мингс од Бурнемуат, Бјорн Енгелс од Ремс и Езри Конс од Брентфорд, како и левиот бек на Саутемптон, Мет Таргет. Покрај тоа, откупени беа договорите на двајца фудбалери кои лани настапуваа на позајмица во Астон Вила: Ел Гази од Лил, Кортни Хаус од Вулверхемптон и Хота од Бирмингем.

Се вчитува...