(ИН)ДИРЕКТ: Тргна „вардаризација“ и донесе „растуризација“ во Вардар

(ИН)ДИРЕКТ

Никола Ѓуровски

Го гледаше овој филм и Ацо Стојков. Тој „издржа машки“ и се врати од кај младинците во првиот тим на Вардар, а сега таму се прекомандувани македонскиот репрезентативец Дарко Велковски и младиот фудбалер Филип Стојчевски. И Хамбарџумјан е таму, ама тој е странец. Причината е јасна, одбиле да потпишат нови договори со македонскиот шампион. Но, дали се всушност тие вистинските виновници, или се „жртви“ на очајната кадровска политика која ја води раководството на клубот.

Во последната година, сите знаат, дека Дарко Панчев ги влече конците во ФК Вардар. Тој ја доби улогата на спортски директор и палката да одлучува за кадровските промени. Да доведува нови засилувања, да одредува кои се квалитет, а кои не – да играат во Вардар. И очигледно е, дека популарниот „Кобра“, дефинитивно го нема инстинктот за ова работно место, како што на времето го имаше за да постигне гол.

Со него во раководните структури, како и со Илија Најдоски, а со Чедомир Јаневски како шеф на стручниот штаб тргна онаа најавена „вардаризација“ на македонскиот шампион. Фановите се израдуваа, сметаа дека ќе дојдат подобри денови, дека Вардар ќе го врати својот некогашен шарм, но наместо тоа – дојде потоп! Вардар имаше катастрофални настапи во групната фаза од Лигата на Европа, а оваа зима и – трагичен преоден рок.

Висар Муслиу и Шкендија го „изработија“ Вардар како мало дете, па репрезентативецот за без пари си замина од клубот и потпиша, преку Приштина, за најголемиот ривал. Бобан Николов замина во странство, а и Дарко Велковски е договорен со Ријека, трансфер што треба да се случи на лето, кога ќе му истече договорот.

И раководството на клубот, својата неспособност, да ги убеди своите најдобри фудбалери (читај: македонски репрезентативци) да останат во клубот, се обидува да ја затскрие со прекомандување на Дарко Велковски во младинскиот погон. Тој долг период беше повреден, а сега ќе мора да тренира и со младинците. Тоа треба да биде деградирање за него, но и да му се „дотера умот“ дека не смее да се спротивстави.

А како и да потпишат нови договори фудбалерите на Вардар, кога веќе подолг период е јавна тајна дека клубот им должи плати и рати од договорите. Секој си го бара спасот, а само Дарко Панчев вели дека „Сергеј Самсоненко на никого не останал должен“…Наместо „вардаризација“, за жал, дојде „растуризација“ во Вардар. Репрезентативците се разбегаа, кој во Унгарија, кој во Шкендија, кој кај младинците…Петар Петковски во Работнички…Во Вардар останаа ветераните, и странците…

Се вчитува...