Три акценти од ремито со Австрија: Блесокот на Митев, перфектни крила, моќни пивоти…

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонија заврши уште една рововска битка во Вараждин со меч без победник, овојпат ремизирајќи против селекцијата на Австрија со 29-29 во рамките од првата рунда од главната фаза на СП 2025.

Избраниците на Лазаров имаа шанса да се одлепат во првиот дел кога противникот играше „шест на шест“, но штом Австрија ја смени тактиката во напад, стана исклучително тешко да се запрат налетите на противникот. Во одбраната се мачевме, но затоа во нападот бевме на високо ниво и на крајот, апсолутно го заслуживме бодот што во последната секунда го донесе Филип Кузмановски. Капитенот немаше свој ден, до тој момент имаше шут 3/6, промаши пенал една минута претходно, но големината на играчите се покажува токму кога е најтешко, а „фитиљ“ испрати проектил од 12-13 метри што ги крена на нозе оние стотина Македонци во арената во Вараждин, кои останаа и во оваа главна фаза да им дадат поддршка на ракометарите.

1.Марко Митев ги надмина проблемите со ситната повреда поради која не настапи со Гвинеја, по што бекот одигра извонредно со Австрија. Уште во првите дваесетина минути постигна четири гола диктирајќи го темпото во нашиот напад, а мечот го заврши со шест погодоци од осум обиди, со што беше најдобар стрелец на Македонија.

2. Крилата не се прославија со реализација против Гвинеја, но затоа вчера беа перфектни – шест обиди и исто толку погодоци во мрежата на Австрија. Велковски и Костески беа прецизни од десната, Џонов и Петар Атанасијевиќ од левата страна, за максимална реализација каква што ќе ни биде неопходна и на наредниот дуел со Катар.

3. Австријците пред мечот ја потенцираа македонската игра на пивот како наше главно оружје, но Пајович и неговите ракометари сепак не најдоа рецепт… Пешевски ги издоминира противниците на линијата со пет гола од шест обиди и два изнудени седмерци, Лазаревски исто така беше на ниво со два гола без промашување.

Уште еден натпревар во кој има за што да жалиме што не победивме, но ако се земе во предвид широката слика, повторно очигледен беше напредокот што дава верба за уште подобра ракометна иднина на Македонија.

Се вчитува...