Три бода од Гибралтар како импулс-плус за последните два јунски меча во Скопје!

ЕКИПА во Гибралтар

Македонската фудбалска репрезентација денеска од 18 часот на „Викторија стадиум“ против селекцијата на Гибралтар го игра вториот натпревар од Групата 4 во Ц-лигата од Лигата на нации.

По почетното реми со Бугарија во Разград, желбата на избраниците на Благоја Милевски е со победа да се завршат јунските гостувања и потоа со дополнителен мотив да се дочекаат последните два јунски натпревари во Скопје, против Грузија (9. јуни) и против Гибралтар (12. јуни).

„Доста време помина откако играв тука и може да кажам дека тој натпревар пред четири години беше навистина тежок и навистина знам дека ниту најмалку не смееме да ја потцениме оваа селекција. Без разлика што ние одигравме без победник со Бугарија, ние секој натпревар го гледаме пооделно и на секој тргнуваме максимално, секогаш офанзивно без никакви експерименти и калкулации. Така ќе биде и денеска, максимално сериозно во желбата за победа и три бода“ – вели Елиф Елмас пред денешниот натпревар на Пиринеите.

 

Селекторот Милевски повика на максимална сериозност затоа што Гибралтар воопшто не е селекција за потценување. Напротив, фактот дека во претходниот циклус од Д-лигата на Лигата на нации го освои првото место во групата и обезбеди скалило погоре, доволно зборува за амбициозноста на оваа репрезентација.

„Во денешниот фудбал нема место за потценување на никого. Гибралтар покажа дека има одреден квалитет, и ние секако го почитуваме утрешниот противник и нема место ниту најмало за опуштање. Гибралтар се она што го направи во фудбалот покажа дека никој нема право да го потцени, и никој нема право така да се однесува кога е таа селекција во прашање. Момците се свесни дека само со максимум и никако поинаку не може да се дојде до победа. Момците знаат дека кога се игра во македонскиот дрес се игра до крај од срце, без потценување на ниту еден противник“ – истакнува Милевски.

Милевски очекувано ќе мора да ротира со одредени имиња во составот, во желбата да се зачуваат силите и за последните два натпревари во Скопје.

„Имаме секако одреден број фудбалери кои имаат проблеми токму во овој период кој доаѓа на крај од сезона, но секогаш се тука да го дадат максимумот за македонскиот дрес. Ќе играат оние кои во моментов се најподготвени и воопшто нема да има никакви експерименти со составот, и експерименти и калкулации во однос на желбата за игра и секако победа“ – вели македонскиот селектор.

Македонската репрезентација по денешниот натпревар во Гибралтар, утре со чартер лет преку шпанска Малага се враќа во Скопје каде ќе продолжат подготовките за дуелот со Грузија закажан за в четврток (9. јуни).

Се вчитува...