Лионел Меси е вистински лидер на Барселона за време на натпреварите, а улогата на мегаѕвезда му дава за право на Аргентинецот да учествува и во трансфер-политиката на каталонскиот гигант. Така, шпанските медиуми објавија дека без оглед кој ќе биде тренер на Барса во следната сезона, засилувањата ќе ги избира токму аргентинскиот ас, кој веќе доставил и список со желби до раководството на Барселона.
На врвот од оваа листа се наоѓа Хектор Белерин, десниот бек на Арсенал за кого веќе извесно време се шпекулира дека летово би можел да се врати на „Камп ноу“. Меси има многу високо мислење за Белерин, во кого гледа идеално решение за позицијата десен бек, која беше најпроблематична на Барса сезонава, по неангажирањето на достојна замена за Дани Алвеш. Со доведувањето на Белерин би се овозможило и Серхио Роберто да се врати на својата природна позиција, во средниот ред, откако младиот играч сезонава беше жртвуван во одбраната од страна на Луис Енрике.
Марко Верати е уште еден фудбалер што Меси сака да го види крај себе во Барселона. Плејмејкерот на ПСЖ веќе почна со флертување со каталонскиот гигант, а доколку Барса се согласи да плати 60 милиони евра, многу лесно може да се случи тој да раководи со организацијата на играта на каталонците од наредната сезона.
Топ 3 листата со желби на Меси се заокружува со Филипе Кутињо. Станува збор за извонредниот фудбалер на Ливерпул кој воедно е добар пријател и со Нејмар и со Луис Суарез, па тројцата најдобри играчи на Барса летово ќе „притискаат“ за да го убедат Бразилецот да им се приклучи на „Камп ноу“. Јирген Клоп порачува дека нема намера да го продава најдобриот фудбалер на „црвените“, но доколку Барса тргне во тотална офанзива, прашање е дали стратегот на Ливерпул ќе успее да го задржи Кутињо на „Енфилд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА