Не е срамота да се загуби ракометен дуел од Словенија, репрезентација која забрзано чекори кон самиот врв на светскиот ракомет. Сепак, не очекувавме така лесна капитулација, голема негатива по само петнаесетина минути и неумешност да се вратиме ниту за момент во натпреварот. Фактот дека ниту еднаш не успеавме да врземе повеќе од два гола во низа доволно говори за нашата немоќ на теренот, па поразот беше неизбежен. Словенија како еден од фаворитите за првото место во групата се чинеше преголем залак уште пред самиот мундијал, а еуфоријата што се создаде со стартните две победи сепак се покажа недоволна за да се стигне до приближно ниво на она на составот на Веселин Вујовиќ.
Лино ја загуби битката на „ракометните умови“
Сакал Червар да признае или не, тој ја загуби тренерската битка од големиот ривал Веселин Вујовиќ. Зборот „прочитан“ не му се допаѓа на нашиот селектор, но вистината е тука некаде – Вујовиќ имаше одговор во нападот и за нашата зона 6-0, подеднакво лесно ја пробиваше и 5-1. Кога станува збор за нашиот напад, Словенија се снајде извонредно против „седум на шест“, не само поради одличниот Скок на голот, туку и беспрекорната трансформација напад – одбрана од која произлегоа лесни погодоци.
За секоја идеја и обид на Червар за камбек, Вујовиќ имаше противигра.
Има разлика – Скок против Колев и Трајковски
Голманската битка на вчерашниот натпревар мина во апсолутна доминација на Словенецот Скок. Не станува само збор за соодносот од 16-6 во вкупните одбрани (Трајковски 6, Колев ниту една интервенција), туку и фактот дека Скок бранеше кога беше најпотребно, влезе во ритам во првите петнаесетина минути, па само во првото полувреме му одбрани шест шутеви на Кире Лазаров, кој дотогаш имаше шест промашувања за 120 минути игра во првите две кола.
Шпанија и Исланд се исто така крајно сериозни репрезентации против Словенија, а за успех против нив ќе биде потребен најмалку приближен голмански скор.
Македонскиот „авион“ остана без крила
Една од поентите на „седум на шест“ е со два пивоти да се збие противничката одбрана и да се создаде повеќе простор за крилата. Само што тие овојпат тотално потфрлија. Манасков го заврши мечот со само еден гол, и тој од контранапад (0/4 од крило), додека Георгиевски постигна еден гол од два обиди. Откако мечот беше решен во вториот дел шанса добија и Ојлевски и Поповски, но вкупниот скор од крила 3/9 е јасен доказ дека овој дел од играта апсолутно не функционираше. Само за споредба, во однос на нашите 33,3%, Словенците од оваа позиција реализираа со 80% успешност (4/5).
Овој пораз никако не смее да го избрише направеното во претходните пет дена и двете победи со кои сме на чекор до осминафиналето. Да не заборавиме дека доаѓаме со значително променет состав, голем број дебитанти и целосно променет стил на игра, а со сето тоа нокаут фазата ни е на дофат. Денес ќе навиваме за Словенија против Тунис, за потоа в четврток со Исланд мечот да не претставува дуел „за живот или смрт“, туку пресметка за третото или четвртото место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА