Изминатиов викенд успешно отварање на новата сезона имаа македонските атлетичари на меѓународниот атлетски митинг “Академик” во сала во Софија, Бугарија, освојувајќи два златни и еден бронзен медал.
Најдобриот македонски атлетичар во последните неколку години, Дарио Ивановски (АК Делта) со убедлива победа во дисциплината 3.000 метри најави почеток на уште една успешна сезона. Дарио го очекуваат настапи во сала на медитеранско, балканско и европското првенство, каде ќе настапи во дисциплините 1.500 и 3.000 метри.
Вториот златен медал во дисциплинаата 400 метри го освои “новопечениот” Македонец, Јован Стојоски (АК Охрид), кој иако е роден и тренира во Србија од оваа сезона ќе настапува за македонската атлетска репрезентација. Тој во Белград тренира под раководство на Исмаил Мачев, македонската атлетска легенда и државен рекордер на 400 метри.
Во дисциплината 800 метри успешно враќање на атлетските патеки имаше Александар Стојановски (АК Делта) освојувајќи го бронзениот медал.
На овој меѓународен митинг учество земаа повеќе од 300 атлетичари од Бугарија, Србија, Македонија и Романија, додека пак од Македонија настапија 30-тина атлетичари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА